Размислувате ли за градење на Вашата иднина во Германија?
На овие страници ќе најдете информации за дозволата за престој, условите и процедурите за граѓани од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Сакаме да Ве информираме како можете да добиете дозвола за престој со цел на вработување во Германија и за условите кои мора да ги исполните за тоа.
Вашиот пристап до германскиот работен пазар според таканаречената Западнобалканска регулатива (§ 26 став 2 од Уредбата за вработување)
За граѓаните на таканаречените држави од Западниот Балкан, на 01.01.2016 година беше создаден дополнителен начин за пристап до вработување, што во основа им дава можност да поднесат барање за виза за работа, независно од квалификациите (§ 26 став 2 од Уредбата за вработување). Се работи за граѓани на земјите: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Во рамките на новиот Закон за имиграција на квалификувана работна сила 2.0, кој стапи на сила на 18.11.2023 година, Западнобалканската регулатива ќе биде неограничено продолжена, а проверката на приоритетот ќе биде откажана. Од јануари 2021 година, одобрувањата се ограничени на 25.000 годишно (квотирање). Оваа квота ќе се зголеми на 50.000 годишно од јуни 2024 година.
Основните услови за одобрување на работата:
• конкретна работна понуда / работен договор,
• условите за вработување одговараат на оние на споредлив работник во Германија,
• кандидатот не смее да имал примања по Законот за социјална помош на бегалците во последните 24 месеци пред поднесувањето на барањето,
• другите правни услови за виза се исполнети (посебно, приходот треба да биде доволен за покривање на животните трошоци).
Вработувањето во рамките на праќање на работна сила во странство не е можно преку оваа правна основа.
Што е следниот чекор?
Лицата од Западниот Балкан, кои нашле работно место во Германија и сакаат да започнат работа на оваа правна основа, треба да се обратат со работен договор директно на германското претставништво во нивната татковина (надлежно е само претставништвото во една од шестте земји на Западниот Балкан), за да поднесат барање за потребната работна виза. Освен работниот договор и, ако е потребно, доказ за стручната квалификација, треба да се поднесат и другите потребни документи за издавање на виза. Доколку се издаде соодветна виза, лицето мора да се обрати по пристигнувањето во Германија на локалната служба за странци за да поднесе барање за дозвола за престој.
Седиштето на Вашето соодветно германско претставништво ќе го најдете на www.auswaertiges-amt.de.
Лицата кои по прв пат поднесуваат барање за дозвола за престој според оваа правна основа и кои имаат 45 години или се постари, мора да докажат дека имаат работен договор со гарантирана плата од најмалку 55% од годишната основна плата за доприноси во општественото пензиско осигурување или соодветно пензиско осигурување. За 2024 година минималната годишна плата изнесува 49.830 евра бруто, односно 4152,50 евра бруто месечно. Можни се отстапки од ова правило, ако постои јавен, особено регионален, економски интерес или интерес на работниот пазар за вработувањето на странецот.