Дозвола за работа

Информации за подносителите на барање со одредени квалификации

Тестирање на предноста на домашните подносители на барање нема да се спроведе ако имате одредени квалификации:

Вие сте стручен кадар со академско образование:

Ако имате универзитетска диплома и ако работодавачот од Германија ви понудил работен договор за работно место што одговара на вашиот степен на образование, може да побарате таканаречен „Син картон за ЕУ“. За таа цел најнапред треба да се провери дали вашата универзитетска диплома е еквивалентна на степенот на образование во некој германски факултет. Потребен е бруто годишен приход од најмалку 56.800 €. Тој износ важи за 2021 год. Износот се менува секоја година.

Ако имате универзитетска диплома за професија која во моментов е многу барана во Германија (научник, математичар, инженер, доктор по хумана медицина и академски стручњак за информациска и комуникациска технологија) и понуден ви е работен договор, може да побарате „Син картон за ЕУ“ веќе од бруто годишен износ од 44.304 €. Тој износ важи за 2021 год. Износот се менува секоја година.

Имателите на син картон за ЕУ можат да добијат дозвола за престој - односно неограничена виза - по само 33 месеци, а со доволно познавање на германскиот јазик дури и по само 21 месец.

Имате завршено стручно образование:

Ако имате завршено стручно образование и конкретна понуда за работа, може да добиете работна виза ако Државниот завод за вработување утврди дека условите за вработување за понуденото работно место одговараат на условите за вработените од Германија.

Кога се поднесува барање за престој, треба да се провери и дали приложените квалификации за работа одговараат на германската стручна спрема. Информации за оваа постапка ќе најдете на германски и на англиски јазик на интернет-страницата www.anerkennung-in-deutschland.de.

Ако Агенцијата за прифаќање на поднесените документи утврди дека е потребна дополнителна обука за да може квалификациите да бидат еквивалентни со оние во Германија, под одредени услови може паралелно со постапката да се дозволи вработување на ниво на помошник.

Како кадар со стручно или академско образование, можете да поднесете барање за виза директно во германската амбасада во вашата земја.

Забелешка:

Имате прашања? За стручни кадри и висококвалификувани лица вреди да се побараат информации на порталот за добредојде www.make-it-in-germany.com/en/

На него стручните кадри што не се од Германија ќе најдат информации за можностите за вработување во Германија - и причини зошто се исплати да се живее и работи таму.

Виза за оние што бараат работа:

За да влезете на пазарот на труд за стручни кадри со академско или стручно образование, треба да имате понуда за работа. Ако имате унивезитетска диплома која е призната во Германија и за која во Германија постои еквивалент за степенот на образование, може да побарате работна виза и без конкретна понуда за работа. Со оваа виза можете да дојдете во Германија и да барате работа шест месеци. Услов е во тој период да можете сами да го финансирате својот престој во Германија дури и ако не работите.